Beyza Binnur Dönmez
05 Март 2024•Ажурирај: 06 Март 2024
ЖЕНЕВА (АА) - Детскиот фонд на Обединетите нации (УНИЦЕФ) денес предупреди дека во сегашните околности, бројот на смртни случаи предизвикани од неисхранетост во Појасот Газа нагло ќе се зголеми, бидејќи е потврдено дека најмалку десет деца умреле од глад, јавува Анадолу.
„Ги гледаме оние смртни случаи од кои се плашевме долго време. Гледаме смртни случаи од неисхранетост и ќе видиме дека бројот на жртви ќе продолжи да расте“, рече портпаролот на УНИЦЕФ, Џејмс Елдер, на брифингот во Женева.
Потсетувајќи на изјавата на регионалната директорка на УНИЦЕФ за Блискиот Исток и Северна Африка, Адел Ходр, за неисхранетоста во северниот дел на Појасот Газа и на југот, во Рафа, Елдер рече дека ситуацијата е влошена.
„Ќе видиме нагло зголемување на смртноста кај децата и тоа е неизбежно доколку не се реши кризата со храна“, предупреди Елдер.
Зборувајќи за итноста за добивање помош за Појасот Газа, тој рече дека стапките на неисхранетост кај децата на возраст под пет години на северот се три пати повисоки од стапките во Рафа.
По нападот на палестинската група Хамас на 7 октомври, Израел започна смртоносна воена офанзива врз Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилните населби, училишта, верски објекти и болници, убивајќи најмалку 30.631 Палестинец и ранувајќи 72.043.
По обвинението за геноцид поднесено од Јужноафриканската Република на 26 јануари, Меѓународниот суд на правдата пресуди дека Израел мора да се воздржи од какви било активности поврзани со убиства, напади и уништување на жителите на Појасот Газа и да ги преземе сите мерки за да спречи геноцид.
Нападите меѓутоа продолжуваат со несмалено темпо, а испораката на помош останува недоволна за справување со хуманитарната катастрофа.