Betül Yürük
05 Јуни 2018•Ажурирај: 06 Јуни 2018
ЊУЈОРК (АА) - Според последниот извештај на Фондот на Обединетите нации за помош на децата (UNICEF) се наведува дека речиси половина од децата во Авганистан не можат да одат на училиште поради вооружените судири, безбедносните проблеми, сиромаштијата и другите проблеми, јавува Anadolu Agency (AA).
Авганистан е повеќегодишно средиште на длабока безбедносна криза што се рефлектира во постојаната борба против екстремистите на милитантното движење на Талибанците и терористичката организација ДЕАШ, која по дебаклот во Ирак и Сирија ги интензивираше активностите во Авганистан.
Во извештајот на УНИЦЕФ се наведува дека 3,7 милиони авганистански деца на возраст од 7 до 17 години не одат на училиште.
Меѓу нив, 60 отсто или околу 2,7 милиони се девојчиња, што значи дека две од три девојчиња во Авганистан не одат на училиште.
Најтешка е ситуацијата во покраината Кандахар, Хелманд, Вардак, Пактика, Забул и Урузган, каде што во училиште не одат и до 85 девојчиња на училишна возраст.
Од УНИЦЕФ предупредуваат дека девојчињата во Авганистан, исто така, се соочуваат и со проблемот на присилно склопување брак, што придонесува за нивно оддалечување од образованието.
Претставничката на УНИЦЕФ за Авганистан, Адел Ходр, изрази загриженост во врска со проблемите со кои се соочуваат децата во Авганистан, и на прво место ги наведе нападите на вооружените милитанти, принудната работа и присилното одведување во редовите на милитантните групи.