Havva Kara Aydın
16 Јануари 2020•Ажурирај: 16 Јануари 2020
АНКАРА (АА) - Унијата на медитерански новински агенции (AMAN) го осуди упадот на египетската полиција во Канцеларијата на АА во Каиро и апсењето на четворицата вработени на Агенцијата, јавува Агенција Анадолија (АА).
„AMAN ги осудува ваквите постапки против пресот и во овој случај против персоналот на АА во Каиро“, соопштува Унијата на медитерански новински агенции.
„AMAN е со Агенција Анадолија, нејзината членка, и бара од египетските власти итно ослободување на персоналот на АА во Каиро и да се појаснат причините за ваквата рација“, се додава во соопштението.
Египетската полиција во вечерните часови на 14 јануари изврши упад во Канцеларијата на АА во Каиро и потоа приведе четворица вработени, меѓу кои и еден државјанин на Турција, и ги одведе во непознат правец.
Полицијата при упадот во Канцеларијата на АА ги изгаснала безбедносните камери и ја прекинала интернет-врската. Безбедносните сили вршеле претрес во Канцеларијата до утринските часови, ги зеле пасошите на вработените, мобилните телефони и компјутерите и ги спречиле да контактираат.
Досега, египетските институции не објаснија зошто се приведени новинарите и каде се однесени, без оглед на барањата за одговор од адвокатите на АА и од турската Амбасада во Каиро.
Турското Министерство за надворешни работи повика на итно ослободување на персоналот на АА и го оцени упадот во Канцеларијата на АА како чин на насилство и индикатор за негативниот пристап на египетските власти кон демократијата и слободата на медиумите.