Mohammad Sıo
26 Март 2025•Ажурирај: 30 Март 2025
ГАЗА (АА) - Израел ги одбил повеќето обиди на хуманитарните организации да достават основни резерви во блокираниот Појас Газа, соопшти денес Агенцијата на ОН за палестинските бегалци (УНРВА), јавува Анадолу.
„Ситуацијата во Газа се влошува додека интензивните непријателства продолжуваат втора недела“, се вели во соопштението на УНРВА.
„Основните резерви се при крај, а од некои ќе има само уште за неколку дена, освен ако не се дозволи влез на хуманитарните пратки“, се додава во соопштението.
Според агенцијата, најголем дел од „обидите на хуманитарните организации за координиран пристап со израелските власти биле одбиени“.
На 2 март Израел ги затвори граничните премини со Газа за хуманитарна и прехранбена помош, со што дополнително се влоши веќе тешката хуманитарна криза во енклавата.
Портпаролот на УНРВА, Аднан Абу Хасна, предупреди на целосен колапс на сите сегменти од животот во Газа, нагласувајќи ја итната потреба од прекин на огнот и влез на илјадници хуманитарни камиони.
„Сѐ што е помалку од тоа претставува смртна пресуда за луѓето, инфраструктурата и целиот регион“, изјави тој.
На 18 март израелската армија започна ненадејна воздушна кампања врз Појасот Газа, при што се убиени речиси 830 луѓе, а повеќе од 1.800 се повредени и покрај договорот за прекин на огнот и за размена на затвореници што беше постигнат во јануари.
ОН процени дека околу 124.000 Палестинци повторно се раселени откако Израел продолжи со нападите врз Газа.
Убиени се речиси 50.200 Палестинци, претежно жени и деца, а над 113.700 се повредени во бруталните израелски воени напади врз Газа од октомври 2023 година.
Во ноември минатата година Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за неговите постапки во енклавата.