Ekipa
08 Април 2019•Ажурирај: 09 Април 2019
ГАЗА (АА) – Матиас Шамали, директорот на Агенцијата на ОН за помош на палестинските бегалци (UNRWA) во Газа, истакна дека на протестите на границата на Појасот Газа досега биле убиени 40 палестински деца, јавува Anadolu Agency (AA).
Поддржувајќи ја кампањата „Рака за рака за област во која ќе нема насилство кон децата“ која се одржува во училиште во Газа, Шамили, во својот говор се осврна на насилствата врз палестинските деца.
„Убивањето на 40 палестински деца, од кои 13 ученици во училиштата на УНРВА, со израелски куршуми на протестите што се одржуваат на границата на Газа, е само една од формите на насилство на какво што се подложени“, рече Шамили.
- „Ќе продолжиме со нашите активности сè додека не се најде коренито решение за бегалците“ -
Директорот на УНРВА во Газа, исто така, изјави дека ќе ги продолжат своите активности сè додека не се постигне коренито решение за прашањето на бегалците.
„Треба да постигнеме фер, логично и конечно решение за прашањето на бегалците. Ќе продолжиме да обезбедуваме услуги сè додека не се најде коренито решение за бегалците“, рече Шамали.
Шамали, исто така, потсети на изјавата на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, која ја даде за време на неговата посета на најголемиот палестински камп за бегалци „Бека“ во Јордан, каде што истакна дека 700-те училишта поврзани со УНРВА ќе продолжат да обезбедуваат настава.
Од 30 март 2018 година, на израелската граница на Појасот Газа, кој е под опсада, Палестинците организираат мирни протести наречени „Големиот марш за враќање“. Според податоците од Министерството за здравство во Газа, повеќе од 200 Палестинци загинаа во интервенцијата на израелските војници на мирните демонстрации.
Откако американскиот претседател Доналд Трамп ја презеде функцијата во 2016 година, помошта која се обезбедуваше за општиот палестински буџет, за УНРВА и за Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД) почна да прекинува. Администрацијата на Вашингтон минатата година соопшти дека донела одлука за целосно прекинување на финансиската поддршка за УНРВА.