Ikrame Imane Kouachi
23 Март 2024•Ажурирај: 24 Март 2024
АНКАРА (АА) - Најмалку 72 Палестинци загинаа, а 114 се повредени во израелските напади последните 24 часа во Појасот Газа, известува Анадолу.
Израел продолжува со нападите врз опколениот Појас Газа, објави денес Министерството за здравство на опколената палестинска енклава.
„Израелските окупаторски сили извршија седум масакри врз семејства во Појасот Газа, при што во изминатите 24 часа се убиени 72 лица. Уште 114 Палестинци се ранети“, соопшти Министерството.
Во соопштението се истакнува дека голем број луѓе сѐ уште се заробени под урнатините, а екипите на теренот не можат да стигнат и до загинатите на патиштата.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата. Привремената пресуда во јануари му нареди на Тел Авив да ги запре геноцидните акти и да преземе мерки за да обезбеди испорака на хуманитарна помош до цивилите во Газа.
И покрај тоа, израелските напади врз Појасот Газа продолжуваат со несмален интензитет, а испораката на хуманитарната помош не е доволна за решавање на хуманитарната катастрофа.