Diyar Güldoğan
21 Јануари 2019•Ажурирај: 22 Јануари 2019
КОТАБАТО (АА) - Референдумот кој треба да ја моделира иднината на муслиманите во јужниот дел на Филипините започна денес, јавува Anadolu Agency (AA).
Муслиманите од Бангсаморо стигнаа до финалната фаза од договорот за автономија потпишан со Владата во Манила во јули 2018 година.
Денес, речиси 3 милиони луѓе гласаат за Органскиот закон за Бангсаморо во услови на зајакнати безбедносни мерки во градот Котабато, регионалниот центар на муслиманскиот дел од островот Минданао.
Гласањето започна во 7:00 часот изутрина (2300GMT), а ќе заврши во 15:00 часот (0700GMT).

Референдумот се одржува со цел подрачјето на Бангсаморо или Моро, заеднички термин за филипинските муслимани кои живеат на островот на југот на Филипините, да ја добие долгоочекуваната автономија.
Ал Хаџ Мурад Ебрахим, лидерот на Исламскиот ослободителен фронт на Моро, денес го даде својот глас и на новинарите им изјави дека се надева оти законот ќе биде ратификуван.
„Органскиот закон за Бангсаморо е наш инструмент за мир и развој“, рече Ебрахим.
Откако нацрт-законот ќе биде ратификуван, ќе се формира Автономниот регион на Бангсаморо во муслиманскиот дел на островот Минданао на Филипините.
- Договорот за автономија -
Органскиот закон за Бангсаморо треба да ги зголеми правните и економските придобивки за муслиманите во регионот.
Со формирањето на Владата на Бангсаморо, во регионот ќе бидат отворени судови според исламското право.
Регионалните овластувања ќе бидат предадени од главниот град Манила до Владата на Бангсаморо.