Emre Aytekin
21 Јануари 2019•Ажурирај: 22 Јануари 2019
ТЛАВЕЛИЛПАН (АА) - Во експлозијата на нафтовод што во саботата се случи во близина на градот Тлавелилпан, 100 километри северно од Мексико Сити, главниот град на латиноамериканската држава Мексико, бројот на загинати се искачи на 85 лица, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерот за здравство на Мексико, Хорхе Алкосе, информираше дека несреќата се случила кога покрај нафтоводот се собрал народ кој се обидувал да ја собира нафтата што протекува. Во експлозијата животот го загубиле 85 лица, а 58 се наоѓаат на болничко лекување.
Поради крадењето гориво од нафтоводите во земјата, некои нафтоводни линии се исклучени од употреба, што предизвика криза за гориво.
Бидејќи дистрибуцијата на горива се спроведува со цистерни, доаѓа до доцнење во испораката, а тоа пак, од друга страна е причина за создавање долги колони пред бензиските станици.
Минатата недела, во сојузната држава Мексико, на дел од нафтоводот се појавиле пукнатини од каде што истекувала нафта. Викендот на социјалните мрежи се појавија видеоснимки како локалното население со шишиња и леѓени ја собира нафтата што истекува.
Претседателот Лопез Обрадор претходно имаше речено дека проблемите во снабдувањето со горивата се поради борбата против крадците на горива од нафтоводите, барајќи од народот да биде стрплив.
На 1 декември 2018 година со давање заклетва, претседателската функција во Мексико ја презеде Обрадор, давајќи збор дека ќе се бори против кражбата на течни горива од нафтоводите и магацините во земјата. Обрадор информираше дека криминални мрежи, правејќи отвори на нафтоводите, поставувале нелегални одводи, формирајќи линии преку кои во магацини го складирале украденото гориво.
Во рамките на борбата против кражбата на горивата, претседателот Обрадор издал наредба да се затворат некои нафтоводни линии. „Да видам кој прво ќе се измори, крадците на гориво или ние?“, имаше изјавено претседателот Обрадор, истакнувајќи дека ситуацијата повеќе нема да се толерира.
Се проценува дека кражбата на гориво од нафтоводните линии и магацините за гориво ја чинат државата годишно околу 3 милијарди долари.