Alma Çekovic
03 Септември 2017•Ажурирај: 04 Септември 2017
ФРАНКФУРТ (АА) - Околку 65.000 лица се евакуирани од своите домови во градот Франкфурт, Германија, поради деактивирање на неексплодирана бомба останата од Втората светска војна, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што пренесуваат германските медиуми, станува збор за најголема евакуација од таков вид во поствоениот период во Германија.
Полицијата ги пребара сите домови во подрачјето Вестенд, а евакуирани се пациентите и од болниците, од домовите за стари лица и просториите на Централната банка на Германија.
Десетици илјади лица во радиус од еден и пол километар од локацијата на бомбата морале со куфери да го напуштат тоа подрачје.
Денешната акција овозможува безбедно демонтирање на британската бомба од 1.400 тони, пронајдена во средата за време на изведување градежни работи.
Германската полиција предупреди дека неконтролираната експлозија на бомбата од типот HC 4000 би можела да уништи цели улици и згради и дека операцијата за демонтирање на бомбата би можела да трае околу 12 часа.
Во Германија годишно се пронаоѓаат околу 2.000 тони неексплодирани убојни средства. Се проценува дека половина од 2,7 милиони тони бомби, кои сојузничките сили на чело со Велика Британија ги фрлиле за време на Втората светска војна, паднале на германска територија, пренесува „BBC“ (Би-би-си).
Експертите проценуваат дека речиси четвртина од милион бомби кои во Германија од воени авиони ги фрлиле сојузничките сили, не експлодирале поради технички грешки.