Dildar Baykan
03 Септември 2017•Ажурирај: 03 Септември 2017
АНКАРА (АА) - Претседателот на Соединетите Американски Држави (САД), Доналд Трамп, остро го осуди севернокорејското тестирање на нуклеарна бомба ова утро, а како што е вообичаено, тоа го направи преку социјалните мрежи, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Северна Кореја изведе големо нуклеарно тестирање. Нивните зборови и дела и понатаму се непријателски и претставуваат закана за САД“, напиша Трамп на Твитер.
Трамп рече дека Северна Кореја е закана и срамота и за Кина, која безуспешно се обидува да ѝ помогне.
„Исто како што им реков и претходно, Јужна Кореја сфаќа дека преговорите со Северна Кореја нема да донесат никакви резултати. Тие разбираат само една работа“, порача Трамп.
Голем потрес на тлото е регистриран рано утрово во близина на севернокорејскиот град Хамгионг, каде што се наоѓа и воениот нуклеарен комплекс Пунѓиен.
Генералштабот на армијата на Јужна Кореја соопшти дека станува збор за вештачки предизвикан земјотрес, а официјален Пјонгјанг потоа откри дека е резултат на тестирањето новоразвиена хидрогенска бомба.