Murat Ünlü
11 Јуни 2017•Ажурирај: 12 Јуни 2017
ПАРИЗ (AA) – Во Франција денеска е завршен првиот круг од парламентарните избори а излезните анкети покажуваат дека политичката опција "La Republique En Marche" (LREM) на францускиот претседател Емануел Макрон ќе биде уверлив победник на изборите, јавува Anadolu Agency (AA).
Излезните анкети кои ги спроведе француската телевизија "France2" предвидуваат дека движењето чијшто лидер е Макрон со коалицискиот партнер МОДЕМ ќе освои убедливо мнозинство во Националното собрание, кое брои вкупно 577 пратенички места.
ЛРЕМ и МОДЕМ, според излезните анкети, освоиле 32,6 отсто гласови, што би требало да биде доволно за освојување повеќе од 400 пратенички места.
Републиканската партија би требала да освои помеѓу 85 и 125 пратенички мандати, а радикално десничарскиот Национален фронт би требало да добие максимално четири пратеници во најголемото законодавно тело на Франција. Донеодамна владејачката Социјалистичка партија ќе има помеѓу 30 и 40 пратеници.
Излезноста на денешните избори до 17 часот по локално време изнесуваше 40,75 отсто, што е значително помалку од 49 отсто колку беше во првиот круг на двата претходни изборни циклуси.
Изборите во Франција се конципирани така да во 566 изборни единици се бира исто колку парламентарни пратеници, а 11 пратенички места се бираат во изборните единици во прекуморските региони во Франција.
Во изборните единици во кои во првиот круг во првиот круг ниту еден кандидат нема да добие натполовично мнозинзтво ќе биде одржан и втор круг наредната недела, а право на учество во вториот круг ќе имаат сите кандидати кои во првиот круг ќе освојат повеќе од 12,5 отсто од гласовите.
За формирање на владата на партиите им е потребно да освојат мнозинство од најмалку 289 пратенички мандати.
Изборите се одржаваат со силни мерки на безбедност во кои се ангажирани околу 50.000 полицајци и војници. Треба да се додаде дека во Франција претходно е прогласена вонредна состојба поради терористички напади во Париз, па заострените мерки на безбедност не се неочекувани.
Ова се први парламентарни избори во Франција кои се одржуваат по реформата на изборниот закон со која на парламентарните пратеници им е забрането паралелно да извршуваат и функции во институциите на локалната власт.
Поради тоа дури 266 досегашни пратеници одлучија да не се кандидираат за нов мандат.