Alaattin Doğru
26 Ноември 2020•Ажурирај: 27 Ноември 2020
ПАРИЗ (АА) - Во Франција, Државниот совет ја потврди судската одлука за шестмесечното затворање на џамијата „Пантин“, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Oд Државниот совет наведуваат дека размислувањата и коментарите на имамот на џамијата „Пантин“ на социјалните мрежи предизвикуваат провокации и дека одлуката на судот е потврдена со образложение дека местото за богослужба е поврзано со ризик за тероризам, насилство, омраза или дискриминација.
Исто така се забележува дека објавите и мислењата на имамите кои работат во џамијата спаѓаат и во одговорноста на управата на џамијата и дека џамијата може да се отвори ако управата преземе чекори да ја поправи ситуацијата.
Од друга страна, министерот за внатрешни работи на Франција, Жералд Дарманин, на својот профил на Твитер соопшти дека одлуката донесена од Советот за министри за затворање на муслиманската невладина организација „БаракаСити“ е потврдена и од Државниот совет, со образложение дека предизвикува омраза и дека има врски со радикални исламистички движења.
- Исламските организации во Франција на нишан -
Француската Влада одлучи да ја затвори џамијата шест месеци, со образложение дека управителот на џамијата „Пантин“ во Сена-Сен Дени, предградие на Париз, на интернет ја споделил неговата реакција за наставникот кој беше убиен на 16 октомври, затоа што на час на своите ученици ја покажал навредливата карикатура на божјиот пратеник Мухамед.
Откако беше убиен наставникот, во Франција се затворени многу здруженија, џамии и невладини организации, вклучувајќи ги и Колективот за борба против исламофобијата (CCIF) и „БаракаСити“.