Ahmet Gürhan Kartal
13 Август 2020•Ажурирај: 14 Август 2020
ЛОНДОН
Франција соопшти дека привремено ќе го зголеми своето воено присуство во Источниот Медитеран во наредните денови, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Францускиот претседател Емануел Макрон и грчкиот премиер Кириакос Мицотакис дискутираа за последната ситуација во регионот“, се соопштува од Кабинетот на Макрон.
Нагласувајќи ја важноста за решавање на споровите преку дијалог, Макрон го сврте вниманието кон потребата за поголема консултација меѓу Грција и Турција и ја поздрави иницијативата за посредување од страна на Германија.
„Тој, исто така, одлучи привремено да го зајакне француското воено присуство во Источниот Медитеран во наредните денови, во соработка со партнерите на Франција во Европската Унија“, се вели во соопштението.
Како дел од активностите на земјата за истражување на јаглеводороди, Турција издаде NAVTEX (навигациски телекс) на 10 август 2020 година, најавувајќи дека „Оруч Реис“ ќе започне со спроведување на нови сеизмички истражувања во Источниот Медитеран.
Одлуката на Турција следуваше по контроверзниот Договор за разграничување, потпишан меѓу Грција и Египет, само еден ден откако Турција рече дека ќе ги одложи своите активности во регионот како знак на добра волја по напорите за дијалог од Германија.
По прогласувањето на договорот за неважечки, Турција го овласти „Оруч Реис“ да продолжи со своите активности во областа која се наоѓа во рамките на континенталниот појас на Турција.
Бродот ќе продолжи со сеизмичките активности во Источниот Медитеран заедно со бродовите „Џингиз Хан“ и „Атаман“ до 23 август.
Турција е земја гарант за Турската Република Северен Кипар и постојано го оспорува едностраното дупчење на кипарската администрација на Јужен Кипар во Источниот Медитеран, тврдејќи дека ТРСК исто така има права на ресурсите во областа.
Во 1974 година, по пучот кој имаше за цел анектирање на Кипар од страна на Грција, Анкара интервенираше како земја гарант. Во 1983 година беше основана Турската Република Северен Кипар.
Со децении се појавуваа неколку обиди за решавање на кипарскиот спор, но завршуваа со неуспех. Последниот, одржан во 2017 година во Швајцарија со учество на земјите гаранти - Турција, Грција и Велика Британија - исто така заврши без напредок.