Ekipa
14 Октомври 2020•Ажурирај: 14 Октомври 2020
ПАРИЗ (АА) - Францускиот министер за надворешни работи, Жан-Ив Ле Дриан, ја повика неговата земја да заземе неутрален став за судирите во Нагорно Карабах, додека продолжуваат борбите во окупираниот регион, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Би го загрозиле квалитетот на билатералните односи со Ерменија доколку би зазеле небалансиран став кој би ја довел во прашање улогата што ја имаме во рамките на Групата Минск и влијанието што го имаме таму“, изјави Ле Дриан за францускиот весник „Ле Фигаро“.
Тој истакна дека Франција треба да одржува добри односи со двете земји.
„Имаме долгогодишни врски со Азербејџан. Не би биле повеќе легитимни доколку би стоеле на страната на една или друга земја“, изјави Ле Дриан.
Според некои проценки, околу 600.000 Ерменци живеат во Франција.
Откако ерменската Војска на 27 септември изврши напад врз азербејџанските населби, азербејџанската Војска започна операција и од ерменските сили ги ослободи градовите Џабраил и Хадрут и повеќе од 30 села.
Делегациите на Ерменија и Азербејџан во Москва постигнаа договор за примирје, кое стапи на сила во саботата на 10 октомври напладне. Целта на хуманитарниот прекин на огнот е вршење размена на заробеници и тела на загинатите војници.
Меѓутоа, ерменската Војска во неделата, во ракетен напад врз цивилните населби во Ганџа, вториот најголем град во Азербејџан, извршен неколку часа по прекинот на огнот, усмрти 10 и рани 35 лица.