Nur Asena Ertürk
11 Октомври 2024•Ажурирај: 13 Октомври 2024
АНКАРА (АА) - Француското Министерство за надворешни работи го повика израелскиот амбасадор во Франција поради неколкуте извршени израелски напади врз позициите на мировниците на Обединетите нации во Либан, се вели во официјалното соопштение, пренесува Анадолу.
Франција ги осуди континуираните израелски напади со умисла врз седиштето на привремените сили на ОН во Либан (УНИФИЛ) во кои беа повредени двајца мировници денес во Накура, во близина на либанско-израелската граница.
„Овие напади претставуваат сериозно кршење на меѓународното право и мора веднаш да престанат“, се вели во соопштението.
„Израелските власти мора да разјаснат“, се истакнува и се додава дека во Министерството бил повикан амбасадорот на Израел во Франција.
Во соопштението, исто така, се вели дека заштитата на мировниците е обврска што се однесува на сите страни во конфликтот.
Израелските сили рано утринава нападнаа една од кулите за набљудување на УНИФИЛ во нејзиното седиште во Накура, јужен Либан, при што беа ранети двајца мировници од контингентот на Шри Ланка, соопшти либанската државна Национална новинска агенција.
Двајца мировници беа повредени во сличен напад вчера.
Израел изврши масовни воздушни напади низ Либан против, како што тврди, локации на Хезболах од 23 септември, при што се убиени најмалку 1.351 лице, беа повредени над 3.800 и раселени повеќе од 1,2 милиони луѓе.
Воздушната кампања е ескалација од едногодишната прекугранична војна меѓу Израел и Хезболах од почетокот на неговата офанзива врз Појасот Газа, во која Израел уби над 42.000 луѓе, повеќето жени и деца, од нападот на Хамас минатата година.
И покрај меѓународните предупредувања дека Блискиот Исток е на работ на регионална војна среде немилосрдните напади на Израел врз Газа и Либан, тој го прошири конфликтот на 1 октомври со започнување копнен упад во јужен Либан.