1 23
27 Ноември 2023•Ажурирај: 28 Ноември 2023
ГАЗА (АА) - Палестинската група Хамас вчера објави дека ќе настојува да ја продолжи четиридневната хуманитарна пауза во судирот со Израел во Појасот Газа, известува Анадолу.
Во соопштението се вели дека вложуваат сериозни напори за да обезбедат ослободување на повеќе Палестинци и по завршувањето на паузата.
Палестинскиот извор, кој сакал да остане анонимен, потврди за Анадолу дека Хамас ги информирал посредниците Катар и Египет дека палестинските групи за отпор се подготвени да го продолжат моментното примирје за два до четири дена.
Првите три дена од хуманитарната пауза Хамас ослободи 40 Израелци и 18 странци, а Израел ослободи 117 Палестинци.
Четиридневната хуманитарна пауза со посредство на Катар, Египет и САД стапи на сила во петокот, со привремено запирање на израелските напади на Појасот Газа.
Израел до воведувањето на хуманитарната пауза спроведува немилосрдни воздушни и копнени напади на Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилни населби, станбени објекти, џамии, цркви и болници по неочекуваниот напад од страна на Хамас на 7. октомври.
Оттогаш досега се убиени најмалку 14.854 Палестинци, вклучително 6.150 деца и повеќе од 4.000 жени, информираа здравствените власти во палестинската енклава.