Ekipa
31 Јули 2021•Ажурирај: 03 Август 2021
ГАЗА (АА) - Палестинската група на отпорот Хамас денес упати критики кон Соединетите Американски Држави (САД) дека продолжуваат да пружаат воена поддршка на Израел, реферирајќи на новиот договор за вооружување помеѓу двата сојузника, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Одлуката на САД да претстават голем договор за оружје на ционистичкиот ентитет [Израел] го охрабрува продолжувањето на окупацијата преку агресијата против нашиот народ и неговите светии“, рече портпаролот на Хамас, Хазем Касем.
Касем истакна дека САД ризикуваат да бидат соучесници во израелската агресија врз Палестинците со тоа што продолжуваат со поддршката во „оружје, пари и политичко покривање за окупациската политика“.
Тој истакна дека ваквиот пристап на САД го охрабрува Израел да се бунтува против меѓународните закони и резолуции и ја зголемува состојбата на тензичност во регионот.
Американскиот Стејт департмент во петокот соопшти дека одобрил продажба на 18 хеликоптери „Сикорски ЦХ-53К“ на Израел како дел од договорот вреден 3,4 милијарди долари.
Исто така, беше повторена американската посветеност кон безбедноста на Израел, додавајќи дека „од витално значење за националните интереси на САД е да му помогнат на Израел да развие и да одржува силна способност за самоодбрана“.
Во мај, „Вашингтон пост“ објави дека администрацијата на Бајден одобрила продажба на оружје на Израел во вредност од 735 милиони американски долари додека Тел Авив ја изведуваше својата офанзива врз Појасот Газа.
На овој потег се спротивставија некои членови на Демократската партија на американскиот претседател Џо Бајден, меѓу кои и конгресменката Илхан Омар, која го нарече договорот ужасен доколку се спроведе.
Најмалку 260 Палестинци загинаа, а илјадници беа повредени во 11-дневните воздушни напади на Израел врз Појасот Газа на почетокот на мај.