Ikrame Imane Kouachi
21 Јули 2024•Ажурирај: 23 Јули 2024
АНКАРА (АА) - Јеменските бунтовници Хуси денес соопштија дека извршиле напади врз јужен Израел и американски брод во Црвеното Море, пренесува Анадолу.
„Нашите поморски операции нема да престанат доколку не престане израелската агресија врз Појасот Газа“, рече воениот портпарол на Хусите, Јахја Сари, во телевизиско обраќање.
Сари истакна дека групата започнала напад насочени кон „витални области во Еилат, јужен Израел, со балистички ракети, постигнувајќи директен удар“.
Тој изјави дека погодиле и американски брод во Црвеното Море со балистички ракети и дронови.
Досега нема коментар од Израел или САД во врска со тврдењата на Хусите.
Ова се случува по израелските воздушни напади насочени кон резервоари за гориво и електрана во пристанишниот град Ал Худејда во западниот дел на Јемен. Според Министерството за здравство на Хусите, во нападот загинале три лица, додека 87 се повредени.
Сари вети дека одговорот на Хусите на нападот „неизбежно доаѓа и ќе биде голем“.
За воздушните напади одговорност презеде израелската армија, додека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ги опиша како „директен одговор“ на нападот со дрон на Хусите врз Тел Авив во петокот, во кој загина еден Израелец, а 10 беа повредени.
Хусите ги напаѓаат и бродовите што се во израелска сопственост, пловат под израелско знаме, се управувани или се движат кон израелските пристаништа во Црвеното Море и Аденскиот Залив со проектили и дронови во знак на солидарност со Газа, која е под разорен израелски напад од 7 октомври.