Handan Kazancı,Gözde Bayar
05 Октомври 2020•Ажурирај: 06 Октомври 2020
АНКАРА
Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, истакнувајќи дека нападите на Ерменија врз цивилите во Азербејџан не се нови, нагласи: „Ерменија директно ги напаѓа цивилите. Ова во суштина е воено злосторство“, јавува Агенција Анадолија (АА).
По средбата со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, Чавушоглу и Столтенберг одржаа заедничка прес-конференција.
Потсетувајќи дека ерменските сили брутално масакрираа повеќе од 630 цивили, вклучително и деца и жени, во Хоџали, Чавушоглу рече дека и во јули Ерменија нападнала цивили.
„Ерменија најпрво на линијата на фронтот ги нападна областите каде што се наоѓаат војниците и цивилите. Многу цивили, меѓу кои и деца, ги загубија животите. Од друга страна, Ерменија, која е заглавена, почна да стрела ракети кон Ганџа дури и кон местата близу Баку. Всушност, директно ги напаѓа цивилите. Ова во суштина е воено злосторство“, рече Чавушоглу.
Чавушоглу додаде дека Азербејџан се бори да ја поврати својата територија од терористите и окупаторите.
Истакнувајќи дека кога беше загрозен територијалниот интегритет на Украина и Грузија, сите со право ги поддржале овие две земји, Чавушоглу додаде:
„Добро, зошто кога се зборува за прашањето Азербејџан - Ерменија, не ѝ викаме на Ерменија ‘да се повлече од територијата на Азербејџан‘? Двете земји се партнери на НАТО. Затоа, нормално е НАТО да повика на прекин на огнот, и исто така да побара мирно решавање на проблемот. Сепак, меѓународното право и резолуциите на Советот за безбедност на Обединетите нации велат дека оваа работа треба да се реши во границите на Азербејџан. Сите, на чело со НАТО, треба да ја повикаат Ерменија да се повлече од територијата на Азербејџан. На друг начин не е можно да се реши овој проблем. Азербејџанските територии 30 години се под окупација.“