Nazlı Yüzbaşıoğlu,Cüneyt Karadağ
16 Февруари 2020•Ажурирај: 17 Февруари 2020
МИНХЕН/АНКАРА (АА) - Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, истакна дека треба да заврши агресијата во Идлиб и веќе да се обезбеди постојано примирје, јавува Агенција Анадолија (АА).
Чавушоглу во изјава за медиумите говореше во врска со 56. Минхенска безбедносна конференција, како и за актуелните теми.
Во рамки на оваа конференција Чавушоглу истакна дека реализирал 25 билатерални средби, од кои 15 ги реализирал со неговите колеги.
Тој информира дека се состанал и со шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров.
„Како што знаете, нашите делегации утре ќе се сретнат во Москва. Претходно се состанав со Сергеј Лавров, со кого нагласивме дека веќе треба да заврши оваа агресија во Идлиб и дека треба да се обезбеди постојано примирје кое повеќе нема да се прекршува. Нашите делегации утре во Москва ќе разговараат за тоа“, рече Чавушоглу.
Турскиот министер истакна дека во средбата со неговиот кинески колега Ванг Ји се осврнале и на епидемијата на новиот тип коронавирус (Ковид-19).
Тој рече дека упатиле сочувство до Ванг за починатите од овој вирус, и дека Турција може да испрати дополнителна поддршка од медицински материјали.
„Разговаравме детално, особено за состојбата на ујгурските Турци. Нашата приоритетна цел е тие секогаш да ги користат сите свои права како еднакви граѓани на Кина и да живеат во мир. Исто така, ги изразивме нашите очекувања во оваа насока“, нагласи тој.
Потсетувајќи дека учествувал и на состанокот на Меѓународниот надзорен комитет за Либија организиран во германскиот град Минхен со цел постојано примирје и поттикнување на политичкиот процес во Либија, Чавушоглу рече дека Турција нагласува дека во Либија треба да има обврзувачко примирје.
Според него, Турција дала значаен придонес во зајакнување на примирјето, но, рече тој, лидерот на илегалните сили во источниот дел на Либија, Калифа Хафтар, продолжува со прекршувањата.
Тој нагласи дека сите процеси во Либија, меѓу кои и политичкиот процес, зависат од продолжувањето на примирјето на терен, и дека треба да се формира механизам за контрола во рамки на Обединетите нации (ОН).
Шефот на турската дипломатија исто така информира дека во овие рамки се состанал и со американските сенатори.