Nazlı Yüzbaşıoğlu
30 Август 2019•Ажурирај: 31 Август 2019
ОСЛО/АНКАРА (АА) - Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, го посети Исламскиот центар „Ал Нур“ во Норвешка, кој претходно овој месец беше цел на напади, јавува Anadolu Agency (AA).
Вооружен напаѓач на 10 август отвори оган врз Исламскиот центар „Ал Нур“ во норвешкиот град Барум, повредувајќи едно лице кое се обидело да го спречи.
Чавушоглу пристига во посета на Норвешка на повик на министерката Ине Мари Ериксен Сореидe. За време на посетата на Исламскиот центар, турскиот министер беше придружуван од норвешките официјални претставници и амбасадорот на Пакистан во Осло, Захеер Перваиз Хан.
Чавушоглу го посети Центарот и се информираше за настаните.
„Ја посетивме џамијата во Осло која беше цел на напади. Им се заблагодаруваме на норвешките власти кои испратија разумни пораки против непријателството кон исламот. Само заедно можеме да ја победиме исламофобијата“, напиша турскиот министер на Твитер по посетата на Центарот.
Нападот го спречија 65-годишниот Мухамед Рефик и 70-годишниот Мухамед Икбал Жаве.
Локалните медиуми наведоа дека 21-годишниот напаѓач поради алармот на вратите не можел да влезе во џамијата и се обидел да влезе низ задната врата.
Нападот тогаш го осуди норвешката премиерка, Ерна Солберг, која изјави дека постои потреба за борба против омразата и антиисламските ставови.
Споменатата џамија ги заостри безбедносните мерки на почетокот на годината, откако вооружениот напаѓач на двете џамии во Крајстчрч, Нов Зеланд, усмрти 51 лице.