Şenhan Bolelli
04 Април 2017•Ажурирај: 05 Април 2017
МАДРИД (АА) – Судијата на Националниот суд, Хозе де ла Мата започна истрага против некои членови на семејството Асад, меѓу кои Рифат Асад, чичко на сирискиот лидер Башар Асад, поради тврдењата за перење пари, јавува Anadolu Agency (AA).
Новинската агенција ЕФЕ соопшти дека судијата на Националниот суд, Хозе де ла Мата, кој разгледува големи случаи како организиран криминал, започнал истрага против некои членови на семејството Асад поради тврдењата за перење пари во градовите Банус и Марбела, познати по луксузните пристаништа за јахти, кои се наоѓаат во јужниот дел на државата, во областа Андалузија.
Во рамките на истрагата, досега е извршен претрес во вкупно 15 деловни простории, повеќето од нив во пристаништето Банус, а поради превентивни цели се замрзнати 76 банкарски сметки на 16 лица поврзани со Рифат Асад, како и сиот имот на семејството Асад во Шпанија.
Како што се дознава, Рифат Асад, кому минатата година му бил конфискуван имотот во Франција поради обвинувања за „злоупотреба на јавните фондови“ и „перење пари“, заедно со другите членови на семејството, поседуваат 503 недвижности, меѓу кои еден луксузен хотел, фарма, викендици, како и деловни простории. Се претпоставува дека вкупната вредност на имотот на Рифат Асад, неговите 6 деца и сопруги, во Шпанија изнесува 700 милиони евра.
Седумдесет и осумгодишниот Рифат Асад ја вршел функцијата заменик-претседател на државата во текот на мандатот на неговиот брат, Хафиз Асад. Тој бил клучниот човек во масакрот во Хама во 1982 година.