Riyaz Khaliq Khaliq
12 Април 2022•Ажурирај: 13 Април 2022
ТОКИО (АА) - Јапонија денес воведе нови санкции кон Москва поради руската војна против Украина, а на листата на санкционирани се и двете ќерки на рускиот претседател Владимир Путин, јавува Агенција Анадолија (AA).
„Со цел да се спречи понатамошна ескалација на кризата, да се прекине огнот што е можно поскоро и да се запре руската инвазија на Украина, нашата земја мора да воведе остри санкции кон Москва во соработка со меѓународната заедница“, изјави портпаролот на јапонската Влада Хироказу Мацуно.
На списокот на лица против кои се воведени санкции е и сопругата на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
Бројот на поединци, вклучително и воени службеници, санкционирани од Јапонија поради војната во Украина сега е 499.
Претходно, Јапонија воведе санкции кон Путин, Лавров и други руски функционери и ги замрзна средствата на 28 руски организации, меѓу кои и на Сбербанк и Алфа банка, како и компании поврзани со војската.
Јапонија исто така ги стопираше новите инвестиции во Русија, а неколку јапонски компании престанаа да работат во таа земја.
Војната меѓу Русија и Украина, која започна со рускиот напад на 24 февруари, предизвика меѓународна осуда, доведе до финансиски санкции против Москва и поттикна затворање на претставништвата на светските компании во Русија.
Според проценките на Обединетите нации (ОН), најмалку 1.842 цивили загинале откако Русија ја започна војната против Украина, а 2.493 се ранети. Се стравува дека реалната бројка е многу поголема. Во исто време, повеќе од 4,5 милиони Украинци побегнаа во други земји, а милиони се внатрешно раселени, според Агенцијата за бегалци на ОН.