Elena Teslova
12 Април 2022•Ажурирај: 13 Април 2022
МОСКВА (АА) - Рускиот претседател, Владимир Путин, денес изјави дека Русија ќе ги постигне сите цели на „специјалната воена операција“ во Украина, јавува Агенција Анадолија (АА).
Говорејќи на космодромот „Восточни“ пред средбата со белорускиот претседател Александар Лукашенко, Путин рече дека судирот меѓу Русија и Украина е неизбежен бидејќи Западот ја претвора Украина во антируска база.
„Украина се претвораше во антируско упориште, таму внимателно се одгледуваа никулците на национализмот и неонацизмот, никулците што беа таму долго време. Неонацизмот беше специјално развиен, а судирот на Русија со овие сили беше неизбежен, тие само избираа време за напад“, рече тој.
Путин ги пофали акциите на руската Армија велејќи дека војниците се борат храбро и компетентно.
„Нема сомнеж дека Руските вооружени сили ќе ги постигнат своите цели. Целите се апсолутно јасни, тие се благородни. Нашата главна цел е да им помогнеме на луѓето во Донбас, народот на Донбас, кој го признавме [како независен]. Моравме да го направиме тоа бидејќи киевските власти, туркани од Западот, одбија да ги спроведат договорите од Минск, насочени кон мирно решавање на проблемите во Донбас“, рече тој.
Најмалку 1.842 цивили загинале, а 2.493 се повредени во Украина откако Русија ѝ објави војна на 24 февруари, според проценките на ОН, а се стравува дека вистинската бројка е многу поголема.
Според Агенцијата за бегалци на ОН, над 4,5 милиони Украинци побегнале во други земји, а милиони се внатрешно раселени.