Riyaz Khaliq
10 Април 2020•Ажурирај: 13 Април 2020
АНКАРА
Властите во Јапонија најавија дека поради пандемијата на Ковид-19 ќе ја одложат царската церемонија за именување на престолонаследникот, планирана за 19 април, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Портпаролот на јапонската Влада, Јошихиде Суга, изјави дека церемонијата за именување на 54-годишниот престолонаследник Фумихито ќе биде одложена бидејќи во Јапонија е прогласена вонредна состојба поради ширењето на коронавирусот.
Во Јапонија со коронавирусот се заразени 5.500 лица, а речиси 100 заразени починале.
„Во согласност со упатствата на министерот, ќе работиме на одложување на царската церемонија“, изјави Суга.
Официјалната одлука за одложување на церемонијата и новиот датум за одржување би требало да бидат објавени наредната недела.
Поради пандемијата на коронавирусот, мораше да биде одложена и минатомесечната официјална посета на јапонскиот цар Нарухито во Велика Британија.
Паралелно со тоа, Јапонската сумо асоцијација објави дека еден од нејзините членови, сумо борачи, е заразен со Ковид-19.
Поради глобалната пандемија на Ковид-19 одложени се и многу игри и натпревари, вклучувајќи ја и Летната олимпијада Токио 2020.