Muhammed Bilal Kenasari
21 Јуни 2016•Ажурирај: 22 Јуни 2016
ВАШИНГТОН (АА) - Бегалците кои се примени во Соединетите Американски Држави (САД) во никој случај не претставуваат закана за националната безбедност, порача американскиот државен секретар Џон Кери на ифтарската вечера во Вашингтон, јавува Anadolu Agency (AA).
Кери и американската актерка и амбасадорка на добрата волја на Комесаријатот за бегалци при ОН (УНХЦР), Анџелина Џоли, присуствуваа на ифтарот во Вашингтон во организација на муслиманската заедница АДАМС, по повод Светскиот ден на бегалците.
Почнувајќи го својот говор со зборовите "Еселаму алејкум", Кери се осврна на проблемот на сè поголемиот број на бегалци во светот, и порача дека доколку сите бегалци би се собрале во една земја, таа би била 22-та најнаселена земја во светот.
Тој истакна дека бегалците кои се примени во САД не претставуваат никаква закана за националната безбедност.
„Бегалците кои по потребните проверки се примени во САД, во никој случај не претставуваат закана за безбедноста. Не постои ниту еден доказ дека овие луѓе претставуваат фактор на закана. Бегалците не се поопасни од било која друга група во нашето општество”, рече Кери.
Кери, исто така, рече дека поделбата на луѓето според нивната религија или држава на раѓање не се поклопуваат со вредностите врз кои се формирани САД.
Според него, поттикнувањето на омраза против муслиманите им оди во корист само на терористичките групи.
„Омразата кон муслиманите оди во корист на терористичките групи. Се обидува да се создаде атмосфера дека помеѓу САД и исламот постои војна, но тоа не е точно. Муслиманите не живеат никаде послободно како што живеат во Соединетите Американски Држави”, рече Кери.
- Џоли: Луѓето се создадени еднакви, со еднакви права -
Џоли изрази задоволство поради присуството на ифтарот на кој се заедно припадниците на различни верски заедници.
„Луѓето се создадени еднакви и секој има еднакви права. Да се сметаат едни луѓе повеќе вредни од други е непристојно за демократските земји”, рече Џоли.
Таа укажа и на сè поголемиот проблем на ксенофобија во светот и истакна дека секоја земја по ова прашање треба да преземе многу поголема одговорност.