Gökhan Ergöçün
05 Септември 2022•Ажурирај: 07 Септември 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - Турската авиокомпанија „Турк хавајолари“ соопшти дека денеска станала официјален спонзор на УЕФА Лигата на шампиони, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Напоменувајќи дека финалниот натпревар на ова елитно фудбалско натпреварување ќе се одржи на Олимпискиот стадион Ататурк во Истанбул на 10 јуни 2023 година, турската авиокомпанија наведе дека оваа „престижна соработка е едно од најважните спонзорства во историјата на турскиот спорт“.
Како дел од договорот, логото на „Турк хавајолари“ ќе биде поставено на многу терени и ЛЕД-екрани пред, за време и по преносот на натпреварите.
Турскиот авиопревозник ќе биде официјален спонзор и на УЕФА Суперкупот, УЕФА Лигата на шампиони во футсал и финалето на УЕФА Лигата на млади.
Претходно „Турк хавајолари“ стана првата авиокомпанија на светот која соработува со УЕФА како главен спонзор на Европското првенство 2016 година.
„Турк хавајолари“ е спонзор на голем број спортски тимови, како што се Барселона, Манчестер Јунајтед, Борусија Дортмунд, Олимпик Марсеј и Ривер Плата.