Elvır Hodzıc
07 Септември 2022•Ажурирај: 08 Септември 2022
СКОПЈЕ
Со натпреварите од првото коло во групите Е, Ф, Г и Х започна УЕФА Лигата на шампиони во фудбал. Во дербито на колото се сретнаа францускиот претставник Париз-Сен Жермен (ПСЖ) и италијанскиот клуб Јувентус, натпревар во кој домаќините славеа со 2:1, известува Агенција Анадолија (АА).
ПСЖ на преполниот стадион „Парк на принцовите“ синоќа во групата Х во дербито на колото го пречека тимот на Јувентус и веќе во првото полувреме дојде до високо водство од 2:0. Двата гола за ПСЖ ги постигна Килиан Мбапе во 5. и 22. минута од натпреварот. Во второто полувреме гостите од Торино успеаја да го намалат водството на домаќините на 2:1 со голот на Вестон Мекени во 53. минута од средбата, резултат со кој заврши натпреварот.
Во вториот натпревар од оваа група, португалскиот претставник Бенфика како домаќин го совлада израелскиот тим Макаби Хаифа со 2:0. Во првото полувреме ниту една екипа не успеа да постигне, па на пауза се замина без постигнат гол, а на почетокот од второто полувреме Бенфика со головите на Рафа Силва во 49. минута и Алекс Грималдо во 54. минута премина во водство од 2:0, резултат со кој заврши средбата.
Во групата Ф шпанскиот претставник Реал Мадрид му гостуваше на шкотскиот претставник Селтик. Гостите извојуваа убедлива победа од 0:3, а головите за Реал ги постигнаа Винициус Жуниор во 56. минута, Лука Модриќ во 60. минута и Еден Азар во 77. минута. Во вториот натпревар од групата украинскиот претставник Шахтјор како гостин го декласира германскиот РБ Лајпциг со 1:4. Головите за гостите ги постигнаа Марјан Швед во 16. и 58. минута, Михаил Мудрик во 76. и Ласина Траоре во 85. минута. Единствениот гол за домаќините го постигна Мохамед Симакан во 57. минута.
Во групата Е австрискиот фудбалски клуб Салцбург на домашен терен го пречека Милан. Натпреварот заврши без победник 1:1, а погодоците ги постигнаа Ноа Окафор за домаќините во 28. минута, а изедначувачкиот погодок за гостите го постигна Алексис Салемакерс во 40. минута. Во 18:45 часот се одигра дуелот меѓу хрватскиот претставник Динамо Загреб, кој на домашен терен го пречека англискиот тим на Челси. Домаќините славеа со минимални 1:0, благодарение на погодокот на Мислав Оршиќ во 13. минута, а Челси без бодови се врати во Лондон.
Во групата Г англискиот претставник Манчестер Сити му гостуваше на шпанскиот претставник Севиља. Сити му нанесе тежок пораз на домаќинот со 0:4, а головите за гостите ги постигнаа Ерлинг Халанд во 20. и 67. минута, Фил Фоден во 58. и Рубен Диаз во судиското продолжение 90.+3. минута. Во рамките на истата група, со почеток во 18:45 часот, играа германската екипа Борусија Дортмунд која му беше домаќин на тимот на Копенхаген од Данска. Домаќините извојуваа уверлива победа од 3:0, а головите за Дортмунд ги постигнаа Марко Ројс во 35. минута, Рафаел Гереиро во 42. и Џуд Белингем во 83. минута од натпреварот.
Денес се играат првите натпревари од групите А, Б, Ц и Д. Најголемо внимание привлекуваат дуелите Наполи - Ливерпул во групата А и Интер - Баерн Минхен во групата Ц. Два натпревари започнуват во 18:45 часот, додека преостанатите 6 средби се играат во 21:00 часот.
Вечерва се среќаваат:
18:45 Ајакс - Ренџерс
18:45 Ајнтрахт Франкфурт - Спортинг
21:00 Наполи - Ливерпул
21:00 Клуб Бриж - Баер Леверкузен
21:00 Атлетико Мадрид - Порто
21:00 Барселона - Викторила Плзен
21:00 Интер - Баерн Минхен
21:00 Тотенхем - Олимпик Марсеј