Oktaj Omeragic
27 Јуни 2021•Ажурирај: 28 Јуни 2021
СКОПЈЕ
Денес на програмата се два натпревари во рамките на осминафиналето на Европското фудбалско првенство ЕВРО 2020, на кои се среќаваат Холандија - Чешка и Белгија - Португалија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Денес е вториот дел од осминафиналните натпревари на ЕВРО 2020.
Во првиот дуел се среќаваат репрезентациите на Холандија и Чешка. Репрезентациите на Холандија и Чешка досега имаат одиграно 11 меѓусебни средби. Холандија извојувала 3 победи, 3 натпревари завршиле без победник, а Чешка славела на 5 натпревари.
Натпреварот се игра на стадионот „Ференц Пушкаш“ во Будимпешта, Унгарија. Натпреварот започнува во 18:00 часот.
На вториот денешен натпревар, за пласман во четвртфиналето на ЕВРО 2020 ќе играат Белгија и Португалија. Репрезентацијата на Белгија во својата досегашна фудбалска историја има одиграно 18 натпревари против Португалија. Белгија славела на 5 натпревари, 7 средби завршиле нерешено, а 6 пати победила Португалија.
Натпреварот Белгија - Португалија се игра на стадионот „Де ла Картуха“ во Севиља, Шпанија, со почеток во 21:00 часот.
- Италија и Данска првите четвртфиналисти на ЕВРО 2020
Вчера се одиграа два натпревари во рамките на осминафиналето на ЕВРО 2020.
На средбата што се одигра на стадионот „Јохан Кројф арена“ во Амстердам со почеток во 18:00 часот се сретнаа Велс и Данска. Репрезентацијата на Данска со убедлива игра во текот на целиот натпревар го совлада Велс со 4:0, а головите за Данска ги постигнаа Каспер Долберг во 27. и 48. минута од средбата за водство на Данска од 2:0. Јохан Меле во 88. минута го зголеми резултатот на 3:0, а по прегледувањето на снимката со ВАР-системот беше признат погодокот на Мартин Брајтвајт, кој ги постави конечните 4:0 за Данска.
Дуелот меѓу репрезентациите на Италија и Австрија во рамките на осминафиналето на ЕВРО 2020 се одигра на стадионот „Вембли“ во Лондон со почеток во 21:00 часот. Двете репрезентации прикажаа одлична игра со многу шанси на двете страни, но регуларниот дел од средбата заврши без победник, по што се играа продолженија. Репрезентацијата на Италија во продолженијата 2 х 15 минути успеа да ја совлада Австрија со 2:1 и избори пласман во четвртфиналето на ЕВРО 2020.
Интересен е фактот дека головите во продолжението ги постигнаа играчи од клупата. Фредерико Киеза, кој на терен влезе во 84. минута од регуларниот дел, беше стрелец за водство на Италија од 1:0 во 95. минута. Во 105. минута од средбата, Италија веќе водеше со 2:0 со погодокот на Матео Песина, кој во 67. минута го замени Николо Барела. Саша Калајѓиќ беше стрелецот на единствениот погодок за Австрија во 114. минута. Калајѓиќ во 97. минута го замени Марко Арнаутовиќ, кој во 65. минута постигна гол, но тој гол беше поништен поради офсајд по консултација со ВАР-системот.