Barış Seçkin
13 Мај 2020•Ажурирај: 14 Мај 2020
РИМ (АА) - Фудбалските клубови во италијанската Серија А се договорија сезоната 2019-2020, која беше стопирана поради пандемијата на коронавирусот, да продолжи од 13 јуни, пренесува Агенција Анадолија (AA).
Претставниците на клубовите и управата на лигата денеска одржаа состанок преку видеоврска на кој е разговарано за датумот на повторно почнување на сезоната.
Во соопштението на Унијата на клубовите од Серија А се наведува дека клубовите постигнале договор за продолжување на лигата на 13 јуни од каде што е и прекината, во согласност со пропишаните здравствени правила.
Според тоа, доколку Владата ја одобри оваа одлука, сезонските натпревари во Серија 2019-2020 година ќе продолжат на 13 јуни.
Италијанските медиуми јавија дека планирано е лигата да заврши на 2 август, поради што би можело да бидат играни натпревари на секои три до четири дена.
Министерот за млади и спорт, Винченцо Спадафора, соопшти дека на клубовите им е дозволено да започнат со групни тренинзи од 18 мај, и дека лигата ќе започне кога ќе биде сигурно дека не е загрозено ничије здравје.