Alma Dekovic
17 Август 2022•Ажурирај: 18 Август 2022
МАНЧЕСТЕР (АА) - Напаѓачот на Манчестер Јунајтед, Кристијано Роналдо, изјави дека наскоро ќе ја открие „вистината“ за својата иднина, откако, како што рече, прочитал „лажни“ приказни во медиумите ова лето, јавува Агенција Анадолија (АА).
Иако е познато дека Португалецот сака да го напушти Манчестер Јунајтед, новиот менаџер на „црвените ѓаволи“, Ерик тен Хаг, вели дека играчот не е на продажба.
„Ќе ја знаете вистината кога ќе дадам интервју за неколку недели“, напиша Роналдо на Инстаграм.
Поранешниот напаѓач на Реал Мадрид искоментира под објавата „Медиумите кажуваат лаги“.
„Имам тетратка и во последните неколку месеци од 100 вести кои ги запишав, само 5 се точни. Замислете како е“, порача Роналдо.
Медиумите предвидуваат дека Јунајтед, поради репутацијата на клубот, би можел да го пушти 37-годишниот играч до 1 септември кога се затвора преодниот рок.
Роналдо со договорот е врзан за Јунајтед уште една сезона и не може да оди без негова дозвола. Тој на „Олд трафорд“ се врати минатата година, откако го напушти Јувентус.
И покрај враќањето на фудбалската ѕвезда, Јунајтед ги пропушти квалификациите за Лигата на шампиони минатата сезона откако заврши на шестото место во Премиер лигата.