Hüseyin Burak Demirer
24 Април 2019•Ажурирај: 26 Април 2019
АНКАРА (АА) - Во чевртфиналето од плејоф-натпреварите во американската Национална кошаркарска лига НБА, Портланд Треил Блејзерс го совлада тимот на Оклахома Сити Тандер со 118:115 и постигнувајќи скор од 4:1 во меѓусебните дуели се пласираше во полуфиналето на Западната конференција, пишува Anadolu Agency (AA).
Синоќа се одиграа 4 натпревари во американската НБА. Тимот на Портланд Треил Блејзерс по водството од 3:1, во петтиот натпревар на домашен терен ја пречека екипата на Оклахома Сити Тандер. Натпреварот изобилуваше со возбудувања. На 7 минути пред крајот на натпреварот, домаќините имаа заостанување од 15 поени разлика, но Дејмијан Лилард, ол-стар ѕвездата на Блејзерси, во последните секунди од средбата постигна 3 поени и му донесе победа на Портланд од 118:115. Со оваа победа Портланд стигна до скор од 4:1 во меѓусебните средби и стана првата екипа која се пласираше во полуфиналето на Западната конференција.
Покрај тоа што го урна рекордот на Портланд Треил Блејзерс во плејоф-средбите со постигнати 50 поени, Лилард постигна и 7 скока и 6 асистенции. Свој придонес во победата на Блејзерси дадоа Морис Харклес со 17 поени, 7 скока и една асистенција и Си Џеј Маколум со 17 поени, 2 скока и 2 асистенции.
Најпрецизен во редовите на Оклахома Сити Тандер беше Пол Џорџ со 36 поени, 9 скока и 3 асистенции. Расел Вестбрук постигна трипл-дабл од 29 поени, 14 асистенции и 11 скока, но тоа не беше доволно да се извојува победа на теренот во Портланд.
- Во полуфиналето Репторс против Севентисиксерс -
По Милвоки Бакс и Бостон Селтикс, пласман во полуфиналето на Источната конференција изборија екипите на Торонто Репторс и Филаделфија Севентисиксерс.
Репторс на домашен терен го победи Меџик со 115:96 и постигнувајќи 4:1 во победи, се пласира во полуфиналето. Во победата на Репторс најголем придонес дадоа Кавај Леонард со 27 поени, 7 скока и 2 асистенции и Паскал Сајакем со 24 поени, 6 скока и 4 асистенции.
Тимот на Севентисиксерс, како домаќин, го совлада тимот на Бруклин Нетс со 122:100 и во меѓусебниот скор дојде до водство од 4:1 што му овозможи пласман во полуфиналето на Источната конференција. Џоел Ембид постигна дабл-дабл од 23 поени, 13 скока и 2 асистенции, додека Бен Симонс натпреварот го заврши со 13 поени, 6 асистенции и 5 скока.
- Резултати -
Торонто Репторс - Орландо Меџик 115 : 96 (4 : 1)
Филаделфија Севентисиксерс - Бруклин Нетс 122 : 100 (4 : 1)
Денвер Нагетс - Сан Антонио Спарс 108 : 90 (3 : 2)
Портланд Треил Блејзерс - Оклахома Сити Тандер 118 : 115 (4 : 1)