Riyaz Ul Khaliq,Havva Kara Aydın
20 Март 2021•Ажурирај: 21 Март 2021
АНКАРА (АА) - Организаторите на Олимписките игри и на Параолимписките игри во Токио денес соопштија дека најголемите игри во светот ќе се одржат без странска публика, поради ситуацијата со Ковид-19, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Мораме да донесуваме одлуки за кои можеби ќе треба жртва од сите и мора да побараме разбирање за тоа“, истакна Томас Бах, челникот на Меѓународниот олимписки комитет (МОК).
„Одлуката е донесена на онлајн состанокот што се одржа денес“, објави „Кјодо њуз“.
Поради вирусот, Олимписките игри што требаше да се одржат во Токио 2020 година беа одложени до летово оваа година.
На денешниот онлајн состанок, челниците на пет организациски тела, меѓу кои и на МОК и Меѓународниот параолимписки комитет, се состанаа за да донесат одлука за тоа дали да се дозволи присуство и доаѓање на љубителите на спортот од странство во Јапонија.
Бах додаде дека најголем приоритет на организаторите е да се осигури безбедноста на сите учесници во игрите и на населението во Јапонија.
Пандемијата ги одложи големите спортски настани во светот бидејќи владите ги затегнаа границите за да се спречи ширењето на вирусот, со кој досега се заразени над 123 милиони луѓе, од кои 2,7 милиони починаа.