Dejan Maksimoviç
10 Јуни 2016•Ажурирај: 12 Јуни 2016
САН ПАОЛО (АА) - Легендата на бразилскиот и светскиот фудбал, Пеле, на тридневната аукција одржана во Лос Анџелес ги продаде сувенирите кои ги собираше за време на својата блескава кариера за околу 4,6 милиони евра, јавува Anadolu Agency (AA).
За време на тридневната аукција најдобриот фудбалер минатиот век во избор на Светската фудбалска федерација (ФИФА) продаде повеќе од 2.000 предмети, меѓу кои и својот стар пасош.
Златниот медал кој Пеле со Бразил го освои на Светското првенство 1970 година, продаден е за 442,500 евра. Медалите освоени на светските првенства во 1958 и 1962 година продадени се во колекција за 435,000 евра, додека реплика на трофејот Џулс Римет кој е направен за Пеле откако во 1970 година го освои третиот наслов на светскиот шампион достигна цена од 504,000 евра.
Копачките кои ги носеше во филмот „Бегство во победа” , продадени се за 10,230 евра.
„Откако донирав значаен дел од мојата колекција на градот Сантос, одлучив да им овозможам на навивачите и колекционерите да поседуваат дел од мојата историја. Се надевам дека ќе ги чуваат овие предмети и ќе ја споделат приказната со своите деца и генерации кои доаѓаат” , изјави Пеле, пренесуваат британските медиуми.
Дел од средствата кои ги заработи на аукцијата Пеле ќе ги донира во една детска болница во Бразил.
Пеле се смета за најдобар фудбалер на сите времиња. За време на кариерата постигна 1,281 гол во 1,363 натпревар. За репрезентацијата на Бразил одигра 91 натпревар и стана единствен фудбалер кој три пати беше светски шампион.