Ahmet Furkan Mercan
14 Јули 2021•Ажурирај: 15 Јули 2021
ТОКИО (АА) - Претседателот на Меѓународниот олимписки комитет (МОК), Томас Бах, истакна дека и покрај пандемијата на Ковид-19, откажувањето на Олимписките игри во Токио не е меѓу „опциите“, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во интервјуто за агенцијата „Кјодо“, претседателот на МОК, зборуваше за Олимписките игри, кои ќе започнат на 23 јули во Токио, каде што е воведена вонредна состојба поради трендот на зголемување на бројот на случаи на Ковид-19.
Осврнувајќи се на одлуката за одложување донесена во март 2020 година и моменталната ситуација, Бах рече: „Како МОК, ние никогаш не ги напуштаме спортистите. Ако го откажевме, можеби ќе изгубевме генерација спортисти. Затоа, откажувањето не беше опција за нас.“
Бах исто така додаде дека евентуалното откажување на Игрите не е меѓу опциите и дека одлуката да се организираат Игрите и покрај Ковид-19, е донесена „за доброто на олимписките спортисти“.
Истакнувајќи дека одлуката Олимписките игри да се одржат без публика е донесена неволно, Бах додаде: „Сепак, нашиот прв принцип е безбедноста на луѓето.“
Претседателот на МОК рече дека спортистите ќе бидат одвоени од граѓаните со строги правила против пандемијата, проследени и со редовни тестови за Ковид-19. „Населението треба да им верува на сите мерки и да знае дека Игрите нема да претставуваат опасност.“