Mutlu Demirtaştan
26 Мај 2019•Ажурирај: 28 Мај 2019
ИСТАНБУЛ (АА) - Во финалето на Источната конференција, Торонто Репторс со 100:94 го совлада Милвоки Бакс и со 4:2 во серијата од 4 победи избори пласман во финалето на НБА, каде што ќе се сретне со Голден Стејт Вориорс, победникот на Западната конференција, пишува Anadolu Agency (AA).
По победата во гости и водството од 3:2 над Милвоки, Торонто беше домаќин на 6. средба од финалето на Источната конференција на американската Национална кошаркарска лига НБА.
Гостите одлично започнаа и на крајот од првата четвртина, Бакс водеше со 18:31, додека на полувреме се замина со резултат 43:50.
Со почетокот на второто полувреме, кај домаќинот Репторс, играта во свои раце ја презеде Кавај Леонард, со што на крајот од третата четвртина Торонто веќе имаше предност од 5 поени, при скор од 76:71. Одличната игра на домаќините продолжи во последната четвртина и на крај домаќините успеаја да извојуваат победа од 100:94, со што станаа прваци во Источната конференција и изборија пласман во финалето на НБА.
Во финалето на НБА Репторс ќе игра против тимот на Голден Стејт Вориорс, кој претходно со 4:0 го совлада Портланд Треил Блејзерс.
Најзаслужен за победата на Торонто Репторс беше Кавај Леонард со дабл-дабл од 27 поени, 17 скока, 7 асистенции, 2 украдени топки и 2 блокади. Кајл Лаури постигна 17 поени, 8 асистенции, 5 скока, Паскал Сајакем - 18 поени, 4 асистенции и Фред Ванвлит - 14 поени и 2 асистенции.
Во редовите на Бакс, најпрецизни беа Јанис Адетокунбо со дабл-дабл од 21 поен, 11 скока, 4 асистенции, Брук Лопез со постигнати 18 поени, 9 скока, Крис Мидлтон со 14 поени, 4 скока и Ерсан Илјасова со 13 поени, 6 скока и 1 асистенција, но тоа не беше доволно да се избегне поразот од Репторс.
Првиот натпревар од финалето на НБА во серијата од 4 победи меѓу Торонто Репторс и Голден Стејт Вориорс е закажана за 31 мај, со почеток во 3:00 часот. Поради подобриот процент на победи во регуларниот тек на сезоната, екипата на Торонто ја има предноста серијата 2-2-1-1-1 да ја започне на домашен терен.