Musa Samur
09 Јули 2019•Ажурирај: 09 Јули 2019
ИСТАНБУЛ (АА) - Новиот трансфер на турскиот прволигаш Фенербахче од Истанбул, Ведат Муриќи, детството го минал во косовската војна и преживеал многу тешки времиња.
Фудбалерот на Фенербахче, Ведат Муриќи, во времето кога играл за екипата на Генчлербирлиги во 2016 година, во интервју за АА раскажува за неговиот живот како дете за време на војната во Косово.
Муриќи, истакнувајќи дека не сака да се потсетува на тоа што се случувало за време на војната, истакна: „Има некои работи на кои се сеќавам од моето детство. Додека траеше војната, моравме да се иселиме од нашиот дом. Заминавме цело семејство. На едно место живеевме 50 - 55 лица. По миграцијата, во една соба спиевме 50 - 55 лица. Претходно два дена спиевме во подрум над гајби со шишиња.“
„Во тоа време, дневно за 50 лица се доделуваа само 2 литри млеко“, рече Муриќи, и додаде:
„Тогаш бев дете, и како деца баравме некои работи. Кога барав јадење од мајка ми, почнуваше да плаче бидејќи немаше што да ми даде. Ни даваше леб со кромид, откако ќе огладневме, пак исто, леб и кромид. Плачеа од очај. Ни праќаа чај. Без разлика колку члена брои семејството, праќаа исто количество храна. Моето семејство чајот го пиеше без шеќер, а шеќерот ни го даваа нам, на децата. Ова го паметам. Многу лоши спомени од тој период. Исти бевме како Сиријците што ги гледаме на телевизија, нивната состојба е уште полоша. Од тие денови да се стигне дотука беше само сон без надеж. Се надевам дека ќе стигнам до уште подобри места.“
- Косовската војна и прогласувањето независност -
Српските трупи, полицијата и паравоените единици започнаа операција во 1998 година против Косово кое бараше независност. Во периодот 1998 - 1999 година во војната во Косово беа извршени многу воени злосторства, резултираше со смрт на илјадници луѓе, додека стотици илјади луѓе кои ги напуштија своите домови.
Повеќе од 8.000 Албанци, и над 10.000 косовски граѓани беа убиени во косовската војна, која започна на 24 март 1999 година, а заврши со операцијата на НАТО против поранешна Југославија. Во текот на војната, исто така околу 1 милион лица од различно етничко потекло, од кои 800.000 Албанци, беа принудени да ја напуштат својата земја.
Операцијата, „Сојузнички сили“, НАТО ја започна на 24 март 1999 година во 20:00 часот, а траеше до 10 јуни. Турските вооружени сили ја поддржаа операцијата со 10 борбени авиона F-16. Во операцијата, освен Грција, учествуваа сите членки на НАТО.
Косово, одвојувајќи се од Србија, на 17 февруари 2008 година еднострано ја прогласи својата независност. Независноста на Косово ја признаа 116 земји.