Dejan Maksimovic
11 Мај 2023•Ажурирај: 12 Мај 2023
СКОПЈЕ (АА) - Градските соперници Милан и Интер синоќа на Сан Сиро го одиграа првиот натпревар од полуфиналето на УЕФА Лигата на шампиони. Во ова градско дерби во ЛШ Интер славеше со резултат 2:0 и е речиси на прагот од финалето, известува Анадолу.
Само што почна да се развива играта на теренот, Интер премина во водство. Хакан Чалханоглу во 8. минута одлично го изведе корнерот, а Един Џеко со волеј удар ја затресе мрежата за водство на Интер од 1:0. Домаќините уште не закрепнаа од шокот, а само 3 минути подоцна Интер го зголеми водството. Фредерико Димарко му асистираше на Хенрих Мхитарјан, кој ја затресе мрежата на Милан за водство од 2:0. Веќе во 16. минута Интер можеше да поведе со 3:0, но Чалјаноглу од 25 метри ја погоди стативата.
Милан малку се созема во второто полувреме и прикажа подобра игра, но без резултат. Најголема шанса за Милан имаше Сандро Тонали кој во 63. минута ја погоди стативата. До крајот на натпреварот немаше измена на резултатот и на крајот Интер славеше со 2:0, зголемувајќи ги своите шанси за пласман во финалето на УЕФА Лигата на шампиони.
Во вторникот во првиот полуфинален натпревар Реал Мадрид и Манчестер Сити одиграа без победник 1:1.
Реванш средбите се закажани за 16 и 17 мај, а финалниот натпревар на Лигата на шампиони ќе се одигра на Олимпискиот стадион „Ататурк“ во Истанбул на 10 јуни.