Abdulkadir Karakaya
28 Мај 2021•Ажурирај: 31 Мај 2021
ИСТАНБУЛ
Во финалето на УЕФА Лигата на шампиони Челси на 29 мај (сабота) ќе игра против Манчестер Сити. Во досегашните натпревари во ЛШ, Челси има претрпено само еден пораз, и тоа во четвртфиналето на домашен терен од Порто.
Англискиот претставник Челси од групната фаза досега одигра 12 натпревари, постигнувајќи 8 победи, 3 нерешени и еден пораз. На овие натпревари Челси постигна 22 гола, а прими 4.
- Загуби само еднаш
Под раководство на германскиот тренер Томас Тухел, Челси во групната фаза на Лигата на шампиони се натпреваруваше во групата Е против шпанскиот претставник Севиља, францускиот Рен и рускиот претставник Краснодар.
Во натпреварите од групната фаза Челси одигра нерешено против Севиља и Краснодар и го освои првото место во групата со 14 бода.
Во осминафиналето на ЛШ Челси го совлада Атлетико Мадрид со 1:0 и 2:0 и избори пласман во четвртфиналето, каде што се состана со португалскиот противник Порто. Во првиот натпревар Челси како гостин го совлада Порто со 0:2, а во втората средба на домашен терен загуби со 0:1, но благодарение на тоа што имаше постигнато поголем број погодоци на гостински терен, Челси избори пласман во полуфиналето на Лигата на шампиони.
Во полуфиналето на ЛШ Челси се сретна со шпанскиот претставник Реал Мадрид. Првиот натпревар кој се одигра во Мадрид заврши без победник, 1:1, а во реваншот Челси успеа со 2:0 да го совлада Реал Мадрид и по третпат во својата историја се пласира во финалето на ЛШ.
- Посакува да го повтори успехот од 2012 година
Челси претходно играше во финалето на Лигата на шампиони во сезоните 2007/2008 и 2011/2012 година.
Во 2008 година Челси на пенали загуби од Манчестер Јунајтед со резултат 6:5, додека во 2012 година на пенали го совлада германскиот претставник Баерн Минхен со резултат 4:3 и ја освои својата прва титула во Лигата на шампиони.
Челси посакува тој успех да го повтори и сезонава против Манчестер Сити.
Финалето на ЛШ ќе се игра на Стадионот „Драгао“ во португалскиот град Порто, а почетокот на средбата е закажан за 21:00 часот.