АНКАРА (АА) - Министерот за надворешни работи на Република Турција, Мевлут Чавушоглу, изјави дека доколку не бидат испорачани „F-35“, неговата земја, додека не произведе свои, потребите ќе ги задоволи од други извори, јавува Anadolu Agency (AA).
Чавушоглу во гостувањето за „TGRT Haber“ зборуваше за актуелните прашања, како и за чекорите што Турција ќе ги преземе, доколку поради купувањето на „S-400“ биде исклучена од проектот „F-35“ и доколку не ѝ бидат испорачани авионите „F-35“.
Министерот изјави дека Турција придава многу вимание на сопствената одбранбена индустрија, има големи инвестирања и дека во моментот може да подмири околу 70 отсто од потребите.
Тој додаде дека се преземаат низа чекори за Турција да може да ги подмири речиси сите свои потреби, кога станува збор за одбранбената индустрија, и потсети дека неговата земја вложува големи напори во производството на сопствени авиони, тенкови и хеликоптери.
Тој се осврна на хеликоптерите „Атак“ и тенковите „Алтај“.
„Започнавме да извезуваме. Имаме „F-16“, имаме бомбардери. Но постојат нови технологии, па и потребата е поголема“, изјави Чавушоглу.
Тој додаде дека и „F-35“ е произведен со употреба на модерна технологија и дека тоа е една од причините поради кои Турција била партнер на проектот.
Тој потсети дека како партнер платила околу 1,4 милијарди долари и дека ѝ е цел да го купи тој производ.
„Но, да кажеме сè да се изјалови и не ни ги испорачаат „F-35“. Турција има потреба за авиони од нова генерација, додека не произведеме сопствени. Како што бевме во потрага по други опции за „S-400“, па на крајот постигнавме договор со Русија за „S-400“, така Турција сака и има право од други извори да ги подмири потребите“, изјави Чавушоглу.
Тој додаде дека Турција сака да ги задоволи потребите од проектот чиј партнер е, но доколку не дојде до тоа, има право да разгледа други опции.
Запрашан што ќе направи Турција доколку САД ѝ воведат санкции, Чавушоглу изјави дека доколку дојде до тоа, Турција знае како да им одговори на САД.
„Доколку САД покажат непријателски став против нас, нема да криеме, ќе преземеме противчекори. Ова не е ниту закана ниту блефирање“, изјави Чавушоглу.