Ferdi Türkten
10 Март 2019•Ажурирај: 11 Март 2019
ХАТАЈ (АА) – Претседателот на Република Турција и претседател на владејачката Партија за правда и единство (АK Parti), Реџеп Таип Ердоган, истакна нема да се даде можноста за формирање терористички коридор против Турција во северниот дел на Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган имаше свое обраќање на митингот на својата партија во Искендерун, во турската област Хатај, по повод локалните избори кои треба да се одржат на 31 март.
Турскиот претседател истакна дека илјадници млади луѓе биле жртви на тероризмот, и дека е направен обид да се предизвикаат немири во овие територии, предизвикувајќи провокации од национален, културен и верски аспект.
„Особено во последните 17 години нашиот народ го заштити единството, и ги елиминираше сите провокации. Нашиот народ во ноќта на 15 јули ја даде потребната лекција, ја заштити својата демократија и волја, и не фрли сенка врз братството“, нагласи Ердоган.
Турскиот претседател истакна дека и на маса и на терен, како што рече, „ќе ги расипат сите игри против Турција“ во Сирија и во Ирак.
„Нема да дадеме можност да се формира терористички коридор против нашата земја во северниот дел на Сирија“, додаде тој.
„Ќе воспоставиме безбедносна зона во која нашите сириски браќа ќе можат да се вратат и да бидат безбедни“, нагласи турскиот претседател.
Турските власти неодамна најавија можна нова операција на источниот брег од реката Еуфрат на територијата која е под окупација на терористите на ЈПГ/ПКК.
ПКК е сепаратистичка организација која се наоѓа на листата терористички организации на Турција, Европската Унија (ЕУ) и Соединетите Американски Држави (САД). Во Сирија делува ЈПГ, огранокот на ПКК.
Турските вооружени сили изминативе две недели спречија вкупно 12 обиди за терористички напади во Турција.
Напаѓачите со дронови се обидоа да изведат напади од североисточниот дел на Сирија, кој е под окупација на ЈПГ/ПКК.