Sarp Özer
31 Јули 2017•Ажурирај: 31 Јули 2017
АНКАРА (АА) - Видео-снимките на кои се забележува како турски војници малтретираат лица фатени при илегален влез во Турција се испратени од странство. Се оценува дека целиот случај е намерно изведен, со цел да им се наштети и да се стават во тешка положба Турција и турските вооружени сили, јавува Anadolu Agency (AA).
Според информациите до кои дојде новинарот на АА, по објавувањето на видео-снимките на социјалните мрежи, на кои се забележува како турски војници малтретираат лица фатени при илегален влез во Турција, оформен е одбор со цел да се истражи целиот случај.
Според истрагата која ја спроведе формираниот одбор, настанот се случил на едно од граничните подрачја на 28 јули во 11 часот. Пешадискиот војник С.Б. и пешадискиот десетар Е.Р. забележале четворица Сиријци како се обидуваат по илегален пат да влезат во Турција. Војникот С.Б. на стражарската позиција ги довел фатените Сиријци. Подоцна, на истото место пристигнала и стражарската патрола составена од десетарот Ј.Г. и војникот Е.У.
Додека војниците ги тепале заробените лица кои илегално ја минале границата, десетарот Ј.Г. случувањата ги снимил со мобилен телефон.
Еден ден по настанот, споменатиот десетар преку апликацијата „Whatsapp“, снимките ги испратил до Фериде А. во Германија, која на апликацијата е пријавена со корисничко име „Agido Tom”.
Истрагата проценува дека споделувањето на видео-снимките од странство има „посебно” значење и „сметаме дека целиот случај е намерно изведен, со цел да им се наштети и да се стават во тешка положба Турција и турските вооружени сили”.
Во соопштението на Генералштабот на турската армија се вели: „Поради лошото однесување врз лицата кои по илегален пат се обиделе од Сирија да влезат во Турција, кое е неприфатливо во ниту еден случај, приведен е воениот персонал кој учествувал во настанот и против нив веднаш се започнати сите видови на административни и судски постапки”.