Erdoğan Çağatay Zontur
31 Јануари 2020•Ажурирај: 01 Февруари 2020
АНКАРА (АА) - „Туркиш ерлајнс“ објави дека ги прекинува летовите кон четирите дестинации во Кина до 9 февруари поради коронавирусот, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Со цел процена на ситуацијата и неодамнешниот развој на настаните во врска со коронавирусот со националните и меѓународните власти, ги прекинуваме нашите летови до градовите Пекинг, Гуангџоу, Шангај и Сиан до 9 февруари“, соопшти преку Твитер, Јахја Устун, потпретседател на „Туркиш ерлајнс“ за односи со медиумите.
Научниците велат дека новиот коронавирус, познат и како 2019-nCoV, што првпат се појави во кинескиот град Вухан, се пренел на луѓето од животни, поточно од лилјаците.
Вирусот го вклучи алармот на глобално ниво со регистрирани случаи во Азија, Европа, САД и Канада.
Патниците од Кина се прегледуваат за вирусот на аеродромите низ светот. Неколку авиокомпании ги прекинаа летовите до Вухан.