Servet Günerigök
28 Септември 2019•Ажурирај: 28 Септември 2019
ВАШИНГТОН (АА) - Турскиот шеф на дипломатијата, Мевлут Чавушоглу, изјави дека Турција не е задоволна со моменталната состојба на планираната безбедносна зона во северниот дел на Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
Во обраќањето на новинарите во Њујорк, Чавушоглу истакна дека неговата земја не е задоволна во врска со состојбата на планираната безбедносна зона на северниот дел на Сирија и додаде дека тоа им го кажале и на Американците.
Тој истакна дека безбедносната зона би требало да има оперативен центар, заедничка патрола, а би требало да помогне и во чистење на подрачјето од терористите и подигнување на станбени објекти.
Безбедносната зона, исто така, би требало да го обезбеди враќањето на сириските бегалци во нивните домови.
„Би било погрешно да се разгледува тоа прашање само од аголот на сириските бегалци. Тоа е сепак прашање кое се однесува на нашата национална безбедност, бидејќи терористичките групи на тоа подрачје претставуваат закана за Турција“, изјави Чавушоглу.
Тој напомена дека Турција би можела да се соочи со уште поголеми закани доколку регионот не биде исчистен од терористичките организации.
Турските и американските воени официјални претставници на 7 август потпишаа договор дека безбедносната зона на северниот дел на Сирија ќе служи како „коридор на мир“ за раселените Сиријци кои сакаат да се вратат во своите домови. За таа цел е воспоставен заеднички оперативен центар во Турција.