Ayşe Yıldız
09 Април 2017•Ажурирај: 10 Април 2017
АНТАЛИЈА (АА) - Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, денес во Аланија изјави дека Турција ја поддржува последната интервенција на САД во Сирија, но дека во моментов Турција не е земја која треба да избере меѓу Русија и САД, јавува Anadolu Agency (AA).
„Во моментов не сме земја која треба да избере меѓу Русија и САД. Ние сме во ситуација во која можеме на еден стабилен начин да ги продолжиме нашите врски. Ја поддржавме последната интервенција на САД против режимот на Асад. Не станува збор за држење страна меѓу двете држави”.
Во турскиот град Аланија, турскиот министер за надворешни работи одржа средба со претставници на медиумите на која одговараше на нивните прашања.
За ситуацијата во Сирија министерот Чавушоглу рече дека во последно време, одредени земји, меѓу кои спаѓа и САД, започнале да изјавуваат дека 'за иднината на режимот треба да одлучи сирискиот народ'. „Вакците изјави уште повеќе му дадоа поттик на Асад. Доколку се обидете да го легализирате убивањето луѓе од страна на режимот кој извршува воено злосторство и злосторство против човештвото, тогаш тој режим ќе продолжи да убива. Кога не постои друга алтернатива, како на пример, во моментов ДЕАШ е од една страна и режимот од друга страна, режимот си зема за право да помисли 'Секој мене ќе ме избере'. Но не е така. Сиријците не се приморани да изберат еден од два ѓавола”, зборуваше министерот Чавушоглу.
- „Се натпреваруваат кој ќе успее да ја придобие ЈПГ” -
Министерот за надворешни работи Мевлут Чавушоглу околу настаните на теренот во Сирија изјави:
„Во моментов, Русија и САД се натпреваруваат кој ќе успее да ја придобие ЈПГ под свое. Ваквата конкуренција не е од корист ниту за Сирија, ниту за регионот. Ова отворено го кажувам, постои една ваква конкурентност. Ги прашуваме, зошто ги поддржувате? Одговорот и од двете страни е ист. 'Доколку јас го оставам, ќе отиде кај другиот'. Навистина, неприфатливо е натпреварувањето на две супер сили околу една терористичка организација. Тоа е неспособност”.