Sarp Özer
01 Ноември 2022•Ажурирај: 02 Ноември 2022
АНКАРА (АА) - Во пресрет на руското суспендирање на договорот за жито од Црното Море, турскиот министер за национална одбрана, Хулуси Акар, денес во одделни телефонски разговори со украинските министри, ја истакна важноста од спроведувањето на иницијативата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Според турското Министерство за национална одбрана, Акар разговарал за најновата ситуација во врска со испораката на жито со украинскиот колега Алексеј Резников и министерот за инфраструктура Олександер Кубраков.
Акар рече дека договорот за извоз на жито многу придонел за олеснување на глобалната криза со храна, бидејќи речиси 10 милиони тони жито се испорачани на оние на кои им е потребно и се покажало дека „соработката и дијалогот“ ги решаваат проблемите.
„Црноморскиот коридор за жито е многу побрз и поудобен за транспорт на жито од копнениот пат“, изјави тој.
„Иницијативата за испорака на жито, која е чисто човечка активност, треба да се одвои од конфликтните услови“, повика тој.
„Туркије ќе продолжи да го извршува својот дел во обезбедувањето мир во регионот и хуманитарната помош на сите нивоа, како што правеше досега“, додаде Акар.
Телефонските разговори се случија неколку дена по руската суспензија на договорот за жито во Црното Море.
Во саботата, Русија објави дека го суспендирала своето учество во договорот за извоз на украинско жито по нападите врз нејзината Црноморска флота.
Туркије, ОН, Русија и Украина потпишаа договор на 22 јули во Истанбул за обновување на извозот на жито од три украински пристаништа на Црното Море, што беше прекинат по почетокот на руско-украинската војна во февруари. За таа цел, во Истанбул беше формиран Заеднички координативен центар со претставници на трите земји и на Обединетите нации (ОН) кој ги надгледува пратките со жито.