Diyar Güldoğan
24 Август 2017•Ажурирај: 25 Август 2017
АНКАРА (АА) - Украина и Турција се природни и вистински партнери, изјави амбасадорот на Киев во Анкара, Андреј Сибиха, за Anadolu Agency (AA).
„Наша главна задача е да создадеме соработка со клучните земји како Турција и да ја одржуваме, бидејќи ние стоиме рамо до рамо со Турција откако ја прогласивме нашата независност. Ние сме природни и вистински партнери“, рече Сибиха.
Тој истакна дека Киев и Анкара одбележуваат 26-годишнина од дипломатските односи, додавајќи: „Постигнавме напредок во нашето стратешко партнерство оваа година. Политичкиот дијалог меѓу двете земји добива нов импулс“.
Дипломатот изјави дека не постои политички проблем меѓу Украина и Турција поради тоа што тие ги темелат своите односи врз основа на формула што им одговара на двете страни.
„Билатералниот трговски обем, кој покажа тренд на опаѓање во последните три години, за првпат покажа зголемување од 22 отсто на почетокот од оваа година“, рече Сибиха.
Тој потсети дека минатогодишниот обем на билатералната трговија бил 4 милијарди долари и изнесувал 1,5 милијарди долари во првиот месец од 2017 година.
Исто така, посочи дека бројот на туристите што доаѓаат од Турција во Украина се зголемил за 25 отсто.
„Минатата година, повеќе од еден милион туристи дојдоа од Украина во Турција и оваа година се очекува зголемување за 30-40 отсто во туристичкиот прилив“.
Договорот меѓу Турција и Украина, кој им дозволува на нивните граѓани да патуваат во тие земји без пасош, стапи на сила на почетокот од јуни.
Турскиот премиер Бинали Јилдирим и неговиот украински колега Володимир Гројсман на 14 март се согласија патувањата меѓу тие две земји да можат да се остварат без пасош.
Во рамките на дoговорот, на граѓаните од двете земји кои ќе останат до 90 дена ќе им бидат потребни само нивните документи за лична идентификација.