Abdullah Doğan
16 Декември 2021•Ажурирај: 17 Декември 2021
КОНИЈА
Министерот за индустрија и технологија на Република Турција, Мустафа Варанк, рече дека соработката со Таџикистан ќе биде продлабочена на сите полиња, јавува Агенција Анадолија (АА).
Варанк на Деловниот форум Турција - Таџикистан, организиран во Конија, Турција, изјави дека се надева дека Форумот ќе помогне во зајакнувањето на односите со Таџикистан во секој поглед.
Тој додаде дека Таџикистан е значаен трговски партнер на Турција во централна Азија, а дека во првите десет месеци од 2021 година е остварен обем на трговска размена од 362 милиони долари. Варанк рече дека обемот на трговската размена помеѓу двете земји е зголемен за време на пандемијата со коронавирусот и дека верува оти лесно ќе дојдат до целта од милијарда долари.
Тој се осврна и на претходната посета на главниот таџикистански град Душанбе, во кој престојуваше поради состанокот на Заедничката економска комисија. Потсети дека тогаш е потпишан акциониот план кој се состои од 117 конкретни ставки, со цел зајакнување на трговските односи на двете земји.
Покрај низата состаноци со таџикистанските претставници, Варанк се сретна и со турските претприемачи.
„Ги посетив и фабриките на турските претприемачи. За потенцијалот во Таџикистан се уверив од прва рака. Таму сведочев на развојниот процес сличен на оној кој со доаѓањето на нашиот претседател [Реџеп Таип Ердоган] на должност, започна во нашата земја. Поради тоа, ние како братски и пријателски народ треба да го реализираме тој потенцијал. Овие можности треба да ги искористиме заради обостраните интереси и благосостојба, а не како што прават поединци, со искористување на работата и трошење на ресурсите“, нагласи Варанк.
Тој додаде дека речиси и да нема континент без турски изведувачи и пазар без турски производи.
Варанк рече дека сите турски области, 81 на број, се извозници, вклучително и Конија, чии производи се пласирани на пазари во повеќе од 170 држави во светот.
Според неговите зборови, власта секогаш е со индустријалците, претприемачите и инвеститорите, а во последно време сѐ повеќе се зборува за унапредувањето на условите погодни за трговија и решавање на одредени потешкотии.
Тој потсети дека на Форумот присуствуваат претставници на текстилните, прехранбените, машинските, одбранбените, градежните и други сектори.
Се осврна и на соработката со Таџикистан, наведувајќи дека постои силен и близок дијалог.
„Во текот на посетата на Душанбе, нашите претприемачи зборуваа за тешкотиите предизвикани со визите и во врска со тоа, за негативното влијание врз трговијата“, рече Варанк.
Турскиот министер рече дека од јануари наредната година ќе биде укинато визното ограничување за Таџикистан.
„Нашите граѓани ќе можат да го посетат Таџикистан без виза. Се надеваме дека со преземање на обострани чекори, кога се во прашање даноците и логистиката, вашиот пат ќе биде дополнително отворен. Со вакви чекори ќе го зголемиме обемот на нашата трговија на милијарда долари. Верувам дека со работа, нови инвестиции и проекти на ценетите претприемачи, лесно ќе ја оствариме целта“, зборуваше оптимистично Варанк.
Истакна дека со текот на времето слабеат трговските и економските односи доколку не се потпомогнати со соработка во областа на хуманитарни проекти, културата и политиката. Се надева дека во тој поглед ќе бидат развиени и односите со Таџикистан.
„Ќе ги разбудиме нашите односи на сите полиња, од образование до развој, од култура до туризам“, најави Варанк.
Тој се надева дека Деловниот форум Турција - Таџикистан ќе биде средство за продлабочување на економската соработка, а му се заблагодари на Одборот за економски односи во странство на Република Турција (DEIK), Индустриската комора на Конија, Трговската комора на Конија и на градот Конија.
На програмата присуствуваше и министерот за индустрија и нови технологии на Таџикистан, Шерали Кабир.
Варанк и Кабир во рамките на Форумот потпишаа Меморандум за разбирање за подигање на соработката во текстилната и модната индустрија. Меморандумот го потпишаа и трговските и индустриските комори на двете земји.