Hüseyin Gazi Kaykı,Mehmet Tosun
05 јануари 2016•Ажурирај: 06 јануари 2016
АНКАРА (АА) - Туркиот премиер Ахмет Давутоглу изрази подготвеност Турција конструктивно да посредува во решавањето на кризата и тензиите помеѓу Саудиска Арабија и Иран, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот на владеачката АК партија и премиер на Република Турција, Ахмет Давутоглу, во денешното обраќање на седницата на пратеничката група на АК Партијата во парламентот, нагласи дека Турција се наоѓа во регион на вртлози, кризи и судири, на кој сега е додадена и новонастанатата ситуација помеѓу Саудиска Арабија и Иран.
"Тензиите започнаа со погубувањето на 47 лица во Саудиска Арабија, меѓу кои и еден шиитски верски службеник и 44 припадници на Ал-Каеда, а ескалираа со дополнителни напади на саудиската амбасада во Техеран и конзулатот во Машхад. Дипломатските мисии се заштитени со меѓународни договори и тие мора да се штитат во сите ситуации при немири и судири. Како земја чии дипломатски мисии биле напаѓани во минатото, сметам дека тие напади се неприфатливи, без оглед на причините и поводот. Таквите напади најостро ги осудуваме. Сега за жал, во целост се прекинати сите дипломатски врски помеѓу тие две земји", рече Давутоглу.
Потсетувајќи дека Турција отсекогаш предупредувала дека тензиите и судирите помеѓу месхебските групи во регионот имаат потенцијал да предизвикаат големи проблеми, Давутоглу рече дека токму таквите тензии се во постојан пораст.
Истакнувајќи дека Иран и Саудиска Арабија се двајца пријатели и сојузници на Турција кои имаат важна позиција во исламскиот свет, Давутоглу рече дека актуелните тензии и кризата во односите на тие две земји може дополнително да ја искомплицира ситуацијата во регионот.
"Сите земји во регионот би требало, ние тоа го очекуваме, на оваа ситуација да и приоѓаат внимателно и конструктивно во правец на смирување на тензиите. Сметаме дека дипломатските канали мора да се отворат што поскоро за да нема негативни последици по мирот, сигурноста и стабилноста во регионот", порача Давутоглу.
Нагласувајќи дека Турција е подготвена да вложи максимални напори и да посредува во надминувањето на кризата помеѓу Саудиска Арабија и Иран, Давутоглу рече дека на регионот му е потребно да се работи на пронаоѓање на решенија и воспоставување мир, а не отворање нови судири.
"Турција секогаш конструктивно делувала во правец на изградба на мирот кога се во прашање сите судири и кризи во регионот, тоа го правиме и денес. Тоа е насока која ја следиме и која нема да ја менуваме. Се надеваме дека во сите земји од регионот ќе преовлада разумот и дека со внимателни потези ќе ги решиме сите актуелни судири", заклучи Давутоглу.
Саудиските власти во саботата наутро објавија дека се егзекутирани 47 луѓе осудени за тероризам во земјата, меѓу нив и локалниот верски лидер на шиитското малцинство Ал- Нимр. Иран остро го осуди овој потег од страна на властите во Ријад, за време на протестите во истиот ден во Техеран беше запалена Саудиската амбасада и нападнат конзулатот во Машхад.
Поради тоа, Саудиска Арабија ги прекина дипломатските а подоцна и економските врски со Иран. Истото го сторија вчера и владата на Бахреин, додека Судан и Обединетите Арапски Емирати ги деградираа билатералните односи со Иран, на ниво на вршители на функцијата за дипломатски односи.
Загриженост за сегашната криза на релација Ријад - Техеран изразија Обединетите нации, Европската унија, САД, Велика Британија и многу други актери на меѓународната заедница. Турција, Кина и Франција повикаа на смирување на тензиите, а Русија изрази подготвеност да ги искористи добрите односи со двете земји и да посредува во решавањето на кризата.