Enes Kaplan,Barış Gündoğan
29 Октомври 2021•Ажурирај: 29 Октомври 2021
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го предводеше државниот врв на свечената церемонија која по повод 29 Октомври, националниот празник Ден на Републиката е одржана во комплексот Аниткабир, мавзолејот на основачот на модерна Република Турција, Мустафа Кемал Ататурк, јавува Агенција Анадолија (АА).
Турција денес го одбележува националниот празник 29 Октомври, во знак на сеќавање на давање на името на нацијата и прогласувањето на државата за Република. По тој повод, низ земјата и во дипломатските претставништва се организирани низа комеморативни манифестации.
Првата церемонија се одржа во комплексот Аниткабир во Анкара, а покрај Ердоган, присуствуваа и претседателот на Големото народно собрание на Република Турција, Мустафа Шентоп, турскиот потпретседател Фуат Октај, претседателот на опозициската Републиканска народна партија (ЏХП), Кемал Киличдароглу, лидерот на Партијата за национално движење (МХП), Девлет Бахчели, лидерката на Партијата ИЈИ, Мерал Акшенер, и голем број политички, воени и други претставници и гости.

По тој повод беше интонирана химната на Република Турција и положено цвеќе. Турскиот претседател Ердоган потоа остави порака во Книгата на впечатоци во која наведе дека Турција му оддава почит на основачот на Републиката, Ататурк, на 98-годишнината од нејзиното основање.
„Работиме дење и ноќе за да ја зајакнеме нашата Република која нашите маченици ни ја доверија по цена на својот живот, да го зголемиме нејзиниот углед и да ја направиме една од 10-те најмоќни економии во светот. Во време кога целото човештво се бори со сериозни кризи поради епидемијата на коронавирусот, Турција го продолжува својот пат на развој со успеси во извозот, вработувањето, производството и вложувањата. Како припадници на херојска нација, чија славна историја е полна со победи, одлучни сме во намерата нашата Република да ги оствари целите зацртани за 2023 година“, стои во пораката на Ердоган.
По церемонијата, Аниткабир е отворен за посета на граѓаните.